Премиерот на Унгарија Виктор Орбан изјави дека унгарско-украинскиот државјанин кој починал по наводно претепување при присилна мобилизација во Украина е „еден од нас“ и повика случајот да се истражи сериозно.
„Жртвата припаѓа на нашата заедница, не само во културна и национална смисла, туку и во смисла на јавното право“, изјави Орбан за јавниот радио сервис Kossuth Rádió.
Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот. Во сегашната војна, исто така, Будимпешта протестира за насилно регутирање на нејзините сонародници во украинските сили и испраќање на најжештите точки на фронтот.
Унгарскиот премиер остро ги отфрли, како што рече, „претпазливите формулации“ во медиумите, истакнувајќи дека човекот не само што бил регрутиран против својата волја, туку и претепан до смрт.
„Ова е случај што мора да биде истражен“, додаде Орбан, предупредувајќи и на поширокиот безбедносен контекст со зборовите дека „живееме во ера на опасности“ и дека „секој збор и секоја одлука во овој момент може да има значење“.
Според весникот Magyar Nemzet, 45-годишниот Јожеф Шебештијен починал во болница три седмици откако бил приведен од полицајци на улица кај Територијалниот регрутациски центар, натеран да влезе во минибус и претепан со метални шипки.
Сестрата на починатиот објави видео на кое украински војници го малтретираат нејзиниот брат.
Унгарскиот телевизиски канал Hir TV пренесе дека украинскиот амбасадор во Будимпешта, Шандор Феѓира, по консултациите во унгарското Министерство за надворешни работи, изјавил дека може да сподели „неколку информации“ за случајот.