дома Македонија Определени 13 ефективни притвори, еден куќен притвор и 12 мерки на претпазливост...

Определени 13 ефективни притвори, еден куќен притвор и 12 мерки на претпазливост за случајот „Синџир“

150

Од Кривичниот суд потврдија дека се прифатени барањата од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и определени се 13 ефективни притвори, еден куќен притвор и 12 мерки на претпазливост во врска со осомничените во случајот „Синџир”.

Во акцијата „Синџир“, што се спроведуваше вчера на повеќе локации во Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид, опфатени се 26 физички и 28 правни лица кои се сомничат за злосторничко здружување, даночно затајување и за перење пари.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера информираа дека при извршените претреси обезбедена е дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка.

Приведени се 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, а шест лица се недостапни на органите на прогонот.

„Осомничените со сите противправно преземени дејствија, во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра“, наведе Обвинителството во вчерашното соопштение.

Воедно, како што посочија од Обвинителството, во временскиот период од 22.10.2020 до 31.12.2021 година, во Неготино, Струмица, Скопје, Штип и во Велес, тројцата организатори на злосторничкото здружение и четири осомничени припадници на злосторничкото здружение со цел да го прикријат потеклото на паричните средства и нивното движење, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства и подигале парични средства во готово во вкупен износ 40.046.815,00 денари или 651.168 евра за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Даночно затајување.

МИА

– Реклама –

ПредходнаИ бабата ѝ подлегна на отруената пита со праз, издадена наредба за обдукција
СледнаУЈП се сомнева во економски нелогичности кај лицата со сопствени компании, најави дополнителни контроли