дома Технологии ВИДЕО | Грандиозно спојување: Научниците сведочеа на најголемиот судир на црни дупки...

ВИДЕО | Грандиозно спојување: Научниците сведочеа на најголемиот судир на црни дупки во историјата на астрономијата

Британски научници го забележале најголемото досега познато спојување на црни дупки, и регистрирале гравитациски бранови кои потекнуваат од овој настан, што се случил на оддалеченост од околу 10 милијарди светлосни години од Земјата. Откритието е објавено пред официјалната презентација на научниот собир GR-Amaldi во Глазгов.

Според „Гардијан“, црните дупки што се судриле биле секоја повеќе од 100 пати помасивна од нашето Сонце. Тие започнале да кружат една околу друга, по што се споиле во уште помасивна црна дупка.

Ова е најмасивното спојување на црни дупки што досега било регистрирано преку детектори за гравитациски бранови. Сигналот стигнал до Земјата и бил фатен од исклучително чувствителни инструменти, кои можат да измерaт нарушувања во простор-времето илјадници пати помали од ширината на еден протон.

„Ова се најтурбулентните настани во универзумот што можеме да ги набљудуваме, но кога ќе стигнат до Земјата, тие се меѓу најслабите сигнали што можеме да ги измериме“, изјави професорот Марк Ханам, раководител на Институтот за истражување на гравитацијата при Универзитетот во Кардиф.

Анализата на сигналите покажала дека судрените црни дупки имале маси од 103 и 137 пати поголеми од масата на Сонцето и ротирале околу 400.000 пати побрзо од Земјата – речиси на границата на теоретската ротациска брзина за такви објекти.

„Ова се најголемите маси на црни дупки што досега со сигурност сме ги измериле преку гравитациски бранови“, нагласи Ханам, кој е дел од научната соработка на ЛИГО.

Инаку, повеќето црни дупки се формираат кога големи ѕвезди остануваат без нуклеарно гориво и се колабираат на крајот на својот животен циклус. Овие екстремно густи објекти ја искривуваат структурата на просторот и времето толку силно што создаваат таканаречен „хоризонт на настани“, граница на која гравитацијата е толку силна што ни светлината не може да избега.

Досега научниците имаат откриено околу 300 спојувања на црни дупки преку нивните гравитациски бранови. Најмасивното досега познато спојување претходно создаде црна дупка околу 140 пати поголема од масата на Сонцето, додека ова најново довело до црна дупка што е дури 265 пати помасивна од Сонцето.

Пред развојот на првите детектори за гравитациски бранови во 1990-тите, научниците можеа да го набљудуваат универзумот исклучиво преку електромагнетно зрачење, како што се видливата светлина, инфрацрвените и радио брановите.

„Обично, кога ќе го погледнете универзумот на поинаков начин, откривате нешта што не сте ги очекувале и целата слика се менува“, заклучи професорот Ханам.

ПредходнаГодишната инфлација во САД се искачи на 2,7% во јуни, што е највисока во последните четири месеци.
СледнаЖак Атали: Топлотниот бран и што следи?