Во историјата на рок-музиката има многу шокантни и необични моменти, но малку кои достигнале статус на вистинска легенда како настанот од 1982 година, кога Ози Озборн на сцена му ја одгриза главата на лилјак.
Настанот се случил на 20 јануари во американскиот град Де Мојн, за време на концерт. Еден од посетителите фрлил мртов лилјак на сцената. Ози, убеден дека станува збор за играчка, го зел во рака и го загризал. Дури тогаш сфатил дека животното е вистинско. Концертот бил прекинат, а Озборн итно пренесен во болница, каде што со недели примал инјекции против беснило.
Овој чин не бил планиран, но дополнително ја зацврстил неговата репутација како симбол на мракот и ексцесот. Иако подоцна повеќепати се извинил и објаснил дека не знаел дека лилјакот е вистински, моментот остана врежан во колективната меморија како една од најшокантните сцени во историјата на рокот.
Пејачот, чие вистинско име е Џон Мајкл Озборн, почина вчера на 76 години, соопшти неговото семејство. Роден во сиромашна населба во англискиот град Бирмингем, уште како тинејџер го напуштил училиштето, работел во кланица и бил осуден за кражба. Но неговата животна приказна целосно се сменила кога го формирал бендот „Блек Сабат“.
Со песни како „Paranoid“, „War Pigs“ и „Sabbath Bloody Sabbath“, бендот ја постави основата на хеви-металот. По заминувањето од групата, Озборн започна соло кариера и објави повеќе од десет албуми. „Crazy Train“ остана една од неговите најпрепознатливи песни.
Во подоцнежните години стана и телевизиска ѕвезда преку реалното шоу „Семејството Озборн“, кое му донесе нова генерација обожаватели. И покрај сериозните здравствени проблеми,Озборн до последно остана близок со публиката.
Пред само две недели се појави на проштален концерт во Бирмингем, седнат на црн трон, со солзи во очите, додека толпата ги пееше неговите хитови.
„Не знаете како се чувствувам. Ви благодарам од срце“, рече тогаш Озборн.
Зад себе ја остави сопругата Шерон, со која беше во брак речиси пет децении, пет деца и неколку внуци.