Дијарејата за време на одмор, позната и како патничка дијареја, претставува нарушување на дигестивниот тракт што најчесто предизвикува течна столица и стомачни грчеви. Причината обично е консумирање загадена храна или вода. За среќа, оваа состојба најчесто не е сериозна, туку само непријатна и може да го расипе одморот, пишува „Е-клиника“.
Патничката дијареја се појавува при промена на средината
Нема ништо необично во тоа што, кога ќе отпатуваме некаде – на море или во планина – се соочуваме со амбиент каде што климата или санитарните услови се разликуваат од оние дома. Тоа автоматски го зголемува ризикот од патничка дијареја.
Лекарите советуваат да бидеме внимателни што јадеме и пиеме за време на патување. Иако често поминува сама по себе, пожелно е да имаме со нас лекови против дијареја препорачани од лекар, особено ако патуваме во подрачја со висок ризик.
Кога е потребна лекарска помош?
Дијарејата обично поминува за неколку дена. Но, симптомите можат да бидат потешки и подолготрајни ако се предизвикани од одредени бактерии или паразити. Во такви случаи, можеби ќе биде потребен рецепт од лекар.
Кај возрасни, обратете се кај лекар ако:
- дијарејата трае повеќе од два дена
- сте дехидрирани
- имате силни болки во стомакот или ректумот
- имате крвава или многу темна столица
- температурата е повисока од 39 степени
Кај деца, особено е важно да се реагира брзо, бидејќи дијарејата може брзо да предизвика сериозна дехидрација. Побарајте медицинска помош ако детето има:
- постојано повраќање
- температура од 39 степени или повеќе
- крвава столица или силна дијареја
- сува уста или плаче без солзи
- невообичаена поспаност или апатија
- помалку мокрење или суви пелени
Совети за спречување на дијареја за време на одмор
За да си го заштитите одморот, придржувајте се до следниве препораки:
- Избегнувајте храна од улични продавачи
- Не консумирајте непастеризирано млеко и млечни производи, вклучително и сладолед
- Не јадете сурово или недоволно зготвено месо, риба или школки
- Избегнувајте влажна храна што стои на собна температура (сосови, јадења од шведска маса)
- Јадете храна што е добро зготвена и сервирана топла
- Изберете овошје и зеленчук што можете сами да го излупите (банани, портокали, авокадо)
- Избегнувајте салати и овошје што не се лупи (грозје, бобинки)
- Не се потпирајте на алкохолот во пијалаците за да ве заштити од загадена вода или мраз
- Не пијте нестерилизирана вода (од чешма, бунар или поток) – ако мора, прокувајте ја три минути
- Избегнувајте коцки мраз и сокови направени со локална вода
- Пазете се од исечено овошје што можеби било измиено со загадена вода
- Користете флаширана или превриена вода за подготовка на формула за бебиња
- Слободно пијте флаширани или конзервирани пијалаци во оригинално пакување , вклучувајќи вода, газирани пијалаци, пиво и вино
Што да јадете ако добиете дијареја?
Првото правило: јадете едноставно! Дијарејата не е време за експерименти со егзотична храна. Според гастроентеролозите, најдобри намирници се:
- банани
- ориз
- тост
Цел ден може да јадете само овие три работи. Дополнително се препорачуваат:
- овесна каша
- варен компир
- солени крекери
- печени пилешки или мисиркини гради (без кожа)
Со соодветна исхрана и претпазливост, одморот може да продолжи без непријатности.