дома Магазин Љубовницата од концертот на „Колдплеј“ си даде отказ по виралната афера

Љубовницата од концертот на „Колдплеј“ си даде отказ по виралната афера

Кристин Кабот, раководителката на одделот за човечки ресурси во американската технолошка компанија „Астрономер“, поднесе оставка откако беше снимена како го прегрнува сега веќе поранешниот извршен директор на компанијата, Енди Бајрон, на концерт на „Колдплеј“, пренесува „Њујорк пост“.

Компанијата потврди за „Би-би-си“ дека Кристин Кабот повеќе не работи во „Астрономер“, само неколку дена откако Енди Бајрон, исто така, поднесе оставка. Неговото заминување дојде откако „Астрономер“ објави дека ќе биде ставен на отсуство и под истрага.

 

Скандалот што доведе до овие последици се случи на 16 јули на концертот на „Колдплеј“ во Бостон, кога Бајрон и Кабот беа прикажани на големиот екран на популарниот сегмент Kiss Cam, стоејќи во публиката, прегрнати.

Кога сфатија дека се во кадарот, двајцата одеднаш се повлекоа назад и се обидоа да ги сокријат лицата, што предизвика бура од коментари на социјалните мрежи. Ситуацијата дополнително ја зачини пејачот на бендот Крис Мартин, кој се пошегува со публиката: „Погледнете ги! Или се во врска или се навистина срамежливи“.

Енди Бајрон беше првиот што се соочи со последиците од своето неверство – прво неговата сопруга Меган го избриша неговото презиме од социјалните мрежи, а потоа, откако неговата милијардерска компанија „Астрономер“ започна внатрешна истрага, тој самиот поднесе оставка од функцијата извршен директор.
ПредходнаКујнското катче на Ана Крстаноска: Летна крем торта со капини
СледнаФОТО | Што точно се мистериозните црвени точки во вселената? Научниците дојдоа до возбудливо ново откритие