дома Бизнис Отпорноста на микробите и бактериите кон антибиотици го загрозува здравјето на луѓето...

Отпорноста на микробите и бактериите кон антибиотици го загрозува здравјето на луѓето и економијата

 

Микробната резистенција на лекови, или бактериската резистенција на антибиотици, би можела да предизвика смрт на милиони луѓе ширум светот и да предизвика годишни загуби од речиси два трилиони долари за глобалната економија до 2050 година, според нова студија финансирана од британската влада.

Истражувањето спроведено од Центарот за глобален развој предупредува дека растечката бактериска отпорност на антибиотици би можела да предизвика годишни загуби во глобалниот БДП од 1,7 трилиони долари, при што економиите на САД, Велика Британија, ЕУ и Кина се најпогодени, објави денес британскиот „Гардијан“.

Авторите на студијата наведуваат дека, според најпесимистичкото сценарио, Кина би можела да изгуби до 722 милијарди долари годишно, САД околу 296 милијарди, ЕУ 187 милијарди, Јапонија 65,7 милијарди и Велика Британија 58,6 милијарди долари.

Иако, како што забележува „Гардијан“, темата за микробна резистенција не доминира во политичките агенди, бројот на смртни случаи од инфекции отпорни на антибиотици би можел да се зголеми за 60 проценти до средината на векот, според Институтот за здравствени метрики и евалуација (IHME).

Само во САД, 1,34 милиони луѓе би можеле да умрат годишно, а во Велика Британија околу 184.000.

Трошоците за лекување на резистентни инфекции се речиси двојно поголеми од оние на стандардните, бидејќи тие бараат подолг престој во болница, поскапи лекови и посложена терапија, а вкупните глобални здравствени трошоци поради резистенција на лекови би можеле да достигнат 176 милијарди долари годишно.

И покрај сериозноста на проблемот, „Гардијан“ истакнува дека владите ширум светот ја намалуваат помошта за борба против отпорот.

„Намалувањето на помошта може да доведе до најлошото сценарио за раст на отпорноста“, предупреди Ентони Мекдонел, водечки автор на студијата, додавајќи дека дури и земјите што ја имаат антимикробната отпорност под контрола не можат да си дозволат да останат пасивни.

Професорот Мохсен Нагави од IHME предупреди дека „пристапот до лекови што го имаме денес би можел да се намали ако не дејствуваме сега“, додавајќи дека е потребно да се развијат нови антибиотици и да се обезбеди јавноста да разбере дека антибиотиците не делуваат против вируси.

ПредходнаСедум децении суверенитет на модерна Австрија
СледнаЛадење- на ред се дождовите