Илјадници тони агресивни инвазивни алги од Југоисточна Азија се акумулираат на плажите на Гибралтарскиот Проток и јужниот брег на Шпанија, што локалните екологисти го оценија како голема закана за биодиверзитетот во регионот, објавува денес „Гардијан“.
Од мај, локалните власти во Кадиз отстранија 1.200 тони алги Rugulopteryx okamurae од Ла Калета, најпопуларната плажа во градот, при што само за еден ден се отстранети 78 тони алги.
„Целосно сме преплавени. Ова е еколошка катастрофа. Секогаш кога ветерот дува од запад, знаеме дека нè чека уште еден бран алги“, рече Хозе Карлос Теруел, кој е задолжен за плажите пред градскиот совет на Кадиз.
Како и многу други инвазивни морски видови, се смета дека алгите пристигнуваат во резервоарите на бродовите што минуваат низ Суецкиот канал, влегувајќи во Средоземното Море.
За нешто повеќе од една деценија, овој вид алги го колонизираше Гибралтарскиот Проток, поголемиот дел од јужниот брег на Шпанија, Канарските Острови, Азорските Острови и, подалеку на север, Кантабриското Море и Баскиската Земја.
Алгите имаат големо влијание врз локалната економија, првенствено врз туризмот во Кадиз и блиската Тарифа, град популарен кај сурферите на ветер, а потоа и врз риболовот бидејќи ги затнуваат рибарските мрежи и јадиците.