дома Свет Балкан Климатските промени го нагазија Балканот: Бурса се евакуира, а Грција, Бугарија и...

Климатските промени го нагазија Балканот: Бурса се евакуира, а Грција, Бугарија и Албанија горат, Србија невереме

Бурса е во опсада од пожари. Повеќе од 1.700 луѓе ги напуштиле своите домови, а еден пожарникар починал на должност. Гувернерот на Бурса изјави дека пожарите на пошумените планини околу градот брзо се ширеле ноќеска, при што се евакуираат цели села. Автопатот што ја поврзува Бурса со Анкара е затворен.

Министерот за шумарство Ибрахим Јумакли изјави дека вчера низ земјата имало 76 пожари. Високите температури, сувите услови и силните ветрови го помагаат ширењето на огнот. Во Турција во петокот беше измерена највисоката температура досега, од 50,5 степени во југоисточната провинција Сирнак.

Грција пак се бори со пет големи пожари низ земјата, при што властите евакуираа жители од подрачје оддалечено само 30 километри од Атина. Владата побара помош во гаснењето од Европската Унија, додека чадот може да се почувствува и во центарот на Атина. „Имаме повредени пожарникари, човечки животи се во опасност, имоти се изгорени, шумски области се уништени“, изјави министерот за климатска криза и цивилна заштита Јанис Кефалојанис.

„Очекуваме четири хеликоптери – од Чешка, Унгарија, Словачка и Франција, како и два авиона од Шведска да се приклучат денеска во гаснењето на пожарите на територијата на Бугарија во рамките на Европскиот механизам за цивилна заштита. Ова го изјави премиерот на Бугарија, Росен Жељазков, кој коментираше на темата за време на неговата официјална посета на Република Молдавија, јави БТА.

Желјазков истакна дека пожарите во државата во овој момент се околу 240, кои предизвикуваат штета, вклучително и прекуграничен ефект.

Росен Жељазков нагласи дека 95% од пожарите се предизвикани од човечка небрежност и ги повика луѓето да бидат внимателни и одговорни, особено во текот на летната сезона и високите температури. Европскиот механизам е активиран и европската солидарност функционира, рече премиерот на Бугарија, Росен Жељазков.
Загрижувачка е ситуацијата со пожарите во Албанија, каде има пожари на речиси целата територија, но најкритично е на југот каде се евакуирани жители и туристи.

Според надлежните во изминатите 24 часа се регистрирани 45 пожари, од кои 21 се се уште активни, 16 се под мониторинг, а 8 се изгаснати.

-Во рамките на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, противпожарен авион „Канадер“ полета од Италија и ќе учествува во воздушни операции за гаснење на пожарите на југот од земјата, во областите Борш, Пиќерас и Лукове, каде ситуацијата е најтешка, објавија медиумите повикувајќи се на Министерството за одбрана.

Во Борш, пламените јазици се приближиле до плажата, додека на патот Химара-Саранда во близина на Борш во сила е забрана за сообраќај, евакуирани се жителите кои живеат во станови кои се изложени на ризик од огромниот пожар, како и туристи сместени во хотели во Борш.

Пожарите оставија пустош.  По гаснењето на пожарот во селото Канин, кај Делвина, денеска Министерството објави снимка на која се гледа обемот на штетата предизвикана од пожарот.

Полицијата пак информираше дека е уапсен 63- годишник кој го предизвикал пожарот во кој изгореа 600 хектари вегетација и природни површини во Националниот парк “Дајти”.

Дождовите и ладниот бран кој доаѓаа од Хрватска и Србија засега таму ги гасне пожарите, но таму се случува друга крајност, со силни ветришта, бури и град голем колку јајца. Големо невреме беснее во Србија и полека се спушта кон Македонија, иако не е исклучено и да го промени правецот.

ПредходнаШпанија: Зголемен број апсења на малолетници поради „џихадизам преку ТикТок“
СледнаОколу 40 лица се уапсени за време на летниот карневал во Ротердам