Црногорската полиција денес објави дека идентификувала голем број веб-страници што рекламираат и нудат услуги за проституција и дека, во соработка со други институции, ги блокирала таквите веб-страници достапни за корисниците во Црна Гора, објавија црногорските медиуми.
„Ова беше направено како дел од континуираните напори насочени кон борба и спречување на злосторства против сексуалните слободи, сите форми на сексуална експлоатација и трговија со луѓе. Спроведените мерки имаат за цел заштита на жртвите на вакви кривични дела“, се вели во соопштението на црногорската полиција, објавено од подгоричкиот „Вијести“.
Се нагласува дека по спроведените анализи, идентификувани се неколку веб-страници за рекламирање и давање услуги за проституција, поради што црногорската полиција испрати официјални иницијативи до надлежните институции и интернет-провајдери за блокирање на IP и DNS адресите на веб-страниците што нелегално рекламираат и промовираат проституција, што, меѓу другото, индиректно им обезбедува заштита на потенцијалните жртви на сексуална експлоатација.
Исто така, се наведува дека веб-страниците што промовираат и рекламираат проституција придонесуваат за „нормализација на сексуалната експлоатација и претставуваат потенцијален простор за трговија со луѓе“.
„Овие мерки се дел од пошироките напори за исполнување на обврските од Поглавје 24 од преговарачкиот процес со Европската Унија, кои се однесуваат на судството и основните човекови права, со посебен акцент на борбата против трговијата со луѓе и заштитата на жртвите од сите форми на (сексуална) експлоатација“, се вели во соопштението на црногорската полиција, додавајќи дека ќе продолжат да преземаат проактивни мерки во оваа област со цел да се обезбеди достоинство, заштита и безбедност на сите жртви на најтешките форми на експлоатација.