Најмалку три лица загинаа, а 34 се повредени, од кои тројца се во многу тешка состојба, во железничка несреќа што се случи денес во германската покраина Баден-Виртемберг, објавија германските медиуми.
Несреќата се случила околу 18:10 часот. во близина на градот Ридлинген, во округот Биберах, кога регионален патнички воз со околу 100 патници излетал од шините, според германскиот весник „Билд“.
По железничката несреќа, истрагата беше насочена кон истражување на можно свлечиште.
Министерот за внатрешни работи на Баден-Виртемберг, Томас Штробл, исто така беше на местото на несреќата.
„Во оваа област имаше обилни врнежи од дожд, па затоа не може да се исклучи дека обилните дождови и поврзаното свлечиште биле исто така причина“, рече министерот Штроб.
Според Германската метеоролошка служба (DWD), силно невреме проследено со врнежи од дожд, силен ветер и грмотевици претходно го погодило подрачјето на железничката несреќа.
Локално, за краток временски период наврнале од 30 до 40 литри на квадратен метар, велат метеоролозите.
Официјалната причина за несреќата сè уште не е позната.
Освен полицијата и пожарникарите, на местото на настанот се и припадници на Бундесверот, а раководителката на противпожарната служба на округот Биберах, Шарлот Цилер, изјави дека сите повредени се згрижени во болници.




