Најмалку 30 лица загинаа во поплавите предизвикани од обилните дождови во Пекинг и околните региони, додека десетици илјади луѓе се евакуирани од кинескиот главен град, објавија денес кинеските медиуми.

Обилните дождови започнаа во текот на викендот и се интензивираа околу Пекинг и околните провинции во понеделник, при што врнежите достигнаа до 543,4 милиметри во северните делови на градот.
Најголем број смртни случаи е регистриран во планинските северни окрузи – 28 во Мијун и два во Јанкинг, објави Ројтерс.
Повеќе од 80.000 жители беа евакуирани поради обилните дождови.
Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди „сеопфатна“ операција за пребарување и спасување, велејќи дека неодамнешните поплави во Пекинг и провинциите Хебеј, Џилин и Шандонг предизвикаа „огромни жртви и материјални загуби“.




