Чешкиот хеликоптер „блек хок“ со седумчлена посада попладнево слета на Меѓународниот аеродром Скопје, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Хеликоптерот утре наутро ќе почне да дејствува врз пожарот на планината Готен од беровска страна, каде што во моментов има активен шумски пожар. Чешкиот „блек хок“ е со големо ведро од 3,4 тони.
Во текот на вечерта во земјава се очекува да пристигне и помошта од Словенија која вклучува 62 пожарникари и 18 специјални противпожарни возила кои, исто така, од утре ќе се вклучат во гаснењето на пожарот на Готен.
Претходно денеска Ангелов информира дека по активирањето на ЕУ-механизмот за цивилна заштита во текот на вчерашниот ден, помош најавиле неколку држави меѓу кои Австрија и Франција, но како што рече, таа помош засега не е потребна, но би се активирала доколку е потребно.




