дома Магазин ВИДЕО | Незгодна ситуација: Кралицата Мери ја избоде оса за време на...

ВИДЕО | Незгодна ситуација: Кралицата Мери ја избоде оса за време на кралска прошетка во Данска

Данската кралица Мери, родум од Тасманија, беше фатена во незгоден момент пред многубројна публика за време на официјална прошетка во местото Грастен, откако ја избоде оса среде кралска свеченост, пишува „Скај њуз“.

Кралицата (53) се поздравуваше со насобраните граѓани заедно со сопругот, кралот Фредерик X (57), и нивните деца – принцезата Изабела (18) и принцот Винсент (14) – во чест на официјалниот почеток на летниот одмор на кралското семејство во палатата Грастен, во јужниот дел на Јиланд.

Во својот говор, кралот Фредерик потврди дека нивниот најстар син, престолонаследникот Кристијан (19), како и сестрата-близначка на Винсент, принцезата Жозефина, ќе им се придружат во палатата во наредните денови.

Облечена во фустан со принт во пајсли стил, кралицата Мери со насмевка примаше цвеќе и се поздравуваше со присутните, сè додека не дојде до неочекуван инцидент. За време на формалниот дел на сцената, таа одеднаш се стегна од болка и ја фати ногата, очигледно вознемирена од убодот.

Нејзините деца веднаш се собраа околу неа, а кралот Фредерик ѝ притрча. Мери гестикулираше кон небото, објаснувајќи дека е избодена од оса, додека ја триеше ногата. Обезбедувањето веднаш ја одведе во блискиот хотел „Дет Гамле Родхус“, каде што се повлече за кратко време.

Според данскиот медиум „Билед Бладет“, кралицата ги замолила останатите членови од семејството да продолжат со поздравите, додека таа кратко се повлекла. Неколку минути подоцна, повторно се појавила, насмеана и смирена, и продолжила да се дружи со граѓаните заедно со кралот и децата.

Снимките од моментот брзо се проширија на социјалните мрежи.

„За жал, кралицата Мери беше избодена од оса (но се справи со тоа како вистински шампион). Ѝ посакувам брзо закрепнување“, напиша еден корисник.

„Децата се толку воспитани и љубезни. А Мери, иако беше избодена, повторно излезе меѓу народот – вистинска дама!“, коментира друг.

„Нашата Мери е навистина една цврста Австралијка!“ се додава во уште еден коментар.

По краткото закрепнување, кралицата се врати кај семејството и заедно се упатија кон палатата Граастен, каде што ќе го поминат летниот одмор. Палатата, изградена во барок стил, има посебно значење за кралското семејство, како подарок на кралот Фредерик IX по неговиот брак со Ингрид од Шведска  и со децении е омилено кралско летувалиште.

ПредходнаСудијка од Ново Мексико ја отфрли тужбата на Алек Болдвин за злонамерно гонење
СледнаПратенички прашања во Собрание – Мицкоски: Подобри сме од Португалија, Грција, Србија