„И ние ги осудуваме ужасните злосторства на Хамас на најсилен можен начин. Но, ниту едно злосторство не го оправдува бруталното колективно казнување на милиони невини луѓе“, се вели во писмото од германски јавни личности до канцеларот Мерц.
Повеќе од 200 актери, музичари и медиумски личности бараат канцеларот Фридрих Мерц да ги запре испораките на оружје во Израел и да воведе дополнителни санкции врз земјата.
Во отворено писмо, уметниците посочуваат на страдањето на децата во Појасот Газа и нагласуваат: „И ние ги осудуваме ужасните злосторства на Хамас на најсилен можен начин. Но, ниту едно злосторство не го оправдува бруталното колективно казнување на милиони невини луѓе.“
Меѓу првите потписници се, меѓу другите, актерите Даниел Брил и Лив Лиза Фрис, ѕвездата на серијата „Вавилон Берлин“.
Акцијата беше организирана од групата Авааз.
Во писмото се наведува дека децата во Газа гладуваат и умираат.
„Повеќе од 17.000 од нив веќе се убиени. Стотици илјади се ранети, трауматизирани, раселени, гладни.“
Потписниците признаваат дека Мерц јавно ја критикувал израелската влада во последните денови, но го повикуваат да преземе дополнителни чекори,
Тие бараат да се суспендира целиот извоз на германско оружје во Израел, да се поддржи замрзнувањето на договорот за политичка и економска соработка меѓу ЕУ и Израел и бараат итен прекин на огнот и непречен пристап до хуманитарна помош.
„Овие чекори се длабоко во согласност со европските вредности и јасно би ѝ покажале на израелската влада дека дури и нејзините најблиски сојузници повеќе не можат да толерираат страдање и дека зборовите повеќе не се доволни“, се вели во писмото.