Камбоџа ќе го номинира актуелниот американски претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир за неговата директна улога во завршувањето на неодамнешниот вооружен конфликт на границата со Тајланд, изјави денес заменик-премиерот на Камбоџа, Сун Чантол.
Зборувајќи порано денес во Пном Пен, Чантол му се заблагодари на Трамп за неговиот придонес кон мирот и нагласи дека американскиот претседател заслужува да биде номиниран за највисоката меѓународна награда што им се доделува на поединци или организации за нивниот придонес во зближувањето на луѓето.
Телефонската интервенција на Трамп минатата недела, според Ројтерс, беше клучна за завршување на најлошиот конфликт меѓу Тајланд и Камбоџа во последната деценија.
По објавувањето на прекинот на огнот, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, објави на социјалната мрежа X дека „Трамп беше оној што го овозможи договорот“.
Петдневниот конфликт меѓу Тајланд и Камбоџа остави најмалку 43 мртви и повеќе од 300.000 раселени лица од двете страни на границата.
„Го признаваме неговиот голем придонес кон мирот“, рече Шантол, кој е и главен трговски преговарач на Камбоџа.
Тој додаде дека неговата земја е благодарна и за намалувањето на американските царини, кои беа намалени од почетните 49 проценти на 36 проценти, а потоа на конечните 19 проценти, со што се спречи колапсот на клучниот извозен сектор за текстил и обувки во Камбоџа.