Светски познатата пејачка Дуа Липа доби косовско државјанство откако претседателката Вјоса Османи потпиша декрет со кој е овозможено тоа, објави „Анадолу“.
Во објава на својот Фејсбук профил вчера, Османи рече дека тоа е „посебна чест“ за земјата, нагласувајќи дека пејачката е една од најважните културни и уметнички личности во историјата на Косово.
„Добредојде дома, Дуа. Таа беше и продолжува да биде еден од најсилните гласови на најголемите светски сцени, пишувајќи историја со своите достигнувања и станувајќи инспирација за милиони луѓе низ целиот свет“, напиша Османи.
Иако е родена во Лондон, Дуа Липа се вратила во Косово со своето семејство кога имала 11 години, каде што поминала неколку години. Таа зборува албански и секогаш го истакнува својот двоен идентитет како своја силна страна.
Дуа Липа, покрај британскиот пасош, има и албанско државјанство, кое го добила пред три години.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај ѝ додели државјанство на поп-ѕвездата за, како што рече, нејзината улога во ширењето на албанската култура на меѓународно ниво преку нејзината музика.
Бегај тогаш изјави дека пејачката добила државјанство во пресрет на 110-годишнината од независноста на Албанија.