Во магичната атмосфера на Старата скопска чаршија, под сводовите на Даут-пашин амам, синоќа се одржа ноќно снимање на новиот филм „Збогум Копакабано“ во режија на Милчо Манчевски, во продукција на „Банана филм“.

Медиумите имаа можност да присуствуваат на 15. снимачки ден, кој е дел од интензивниот распоред на снимање низ Скопје и неговата околина, што ќе трае уште најмалку две недели.
Снимањето продолжи и доцна во ноќта, во централното градско подрачје, каде поради снимањето беше воспоставен посебен режим на сообраќај – од крстосницата кај Црвениот крст до Градската болница, во периодот од 22 часот до 4 часот наутро.

Проектот, кој е осми игран филм на Манчевски, го очекуваше својот почеток цели три години. Освен што ја истражува темата на сестринска љубов, филмот длабоко навлегува и во болни општествени реалности: осаменоста, сиромаштијата, корупцијата, менталното здравје и нееднаквоста меѓу слоевите во едно општество.
Додека приказната е сместена во современа Македонија, таа носи и универзално размислување за начинот на кој луѓето живеат и се поврзуваат денес.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм и низа национални и приватни партнери од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија, како и од македонски компании и културни институции.

Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Меѓународниот тим зад камерата вклучува имиња како Дејвид Манс од Велика Британија (дизајнер на продукција), италијанскиот директор на фотографија Стефано Фаливене, кастинг директорката Милка Анчевска, дизајнерката на костими Жаклина Крстевска и шминкерката Бистра Кечиџиева. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
„Овој пат филмот има повеќе хумористични ноти. Би рекол дека е комедија, но и тажна приказна за брат, сестра и една шахта. Никогаш не почнувам со претходно зададена порака, мојата цел е да раскажам приказна. Заплетот и луѓето се мојот фокус“, истакна Манчевски на сетот.

Актерот Јордан Симонов, кој ја игра улогата на Панче Герамида, изјави дека оваа соработка со Манчевски, по претходните ангажмани во „Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“, ја доживува како кулминација на нивната заедничка работа.
„Се надевам дека ја оправдав довербата и верно го прикажав ликот на Панче – транзициски јунак кој го носи товарот на последните три децении македонска реалност“, рече Симонов.

Сара Климоска и Филип Трајковиќ ги играат сестрата Малина и нејзиниот брат Виктор. Тие важат за веќе уигран тандем, со исклучителна хемија пред камерата.
Секој лик е комплексен, како и самото живеење. Не би можела да ја одиграм Малина ако не ја разберам и не ги оправдам нејзините постапки“, рече Климоска.

Трајковиќ го толкува Виктор, млад човек со интелектуална попреченост.
„Ова е една од оние улоги што секој актер ги посакува. Огромна чест и одговорност е да се добие ваква доверба од Милчо“, додаде тој.




