Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека наредил две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во региони во близина на Русија како одговор на заканите од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
„Наредив две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во соодветни региони, за секој случај ако овие глупави и провокативни изјави се повеќе од само реторика“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, објави Ројтерс.
Трамп вчера му се закани на поранешниот руски лидер Дмитриј Медведев да „внимава на своите зборови“ и го нарече „неуспешен претседател“.
„Русија и Соединетите Американски Држави немаат речиси никакви трговски односи. Да го задржиме тоа така и да му кажеме на Медведев, неуспешниот поранешен претседател на Русија, кој мисли дека е сè уште претседател, да внимава на своите зборови. Тој влегува во многу опасна територија“, напиша Трамп на мрежата Truth Social.
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија претходно се потсмеваше на ултиматумот на Трамп до Кремљ, во кој американскиот претседател го скрати рокот за Русија да ја заврши војната во Украина и ѝ се закани со тешки економски последици ако не го стори тоа.
„Трамп си игра со ултиматуми со Русија: 50 дена или 10. Треба да запомни две работи: Русија не е Израел, па дури ни Иран. Секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна. Не меѓу Русија и Украина, туку со неговата сопствена земја. Не одете по патот на Поспаниот Џо!“, рече Медведев на платформата X, коментирајќи ја најавата на американскиот лидер за скратување на рокот од 50 дена што претходно го постави за постигнување прекин на огнот меѓу Москва и Киев.
Во друга објава, Медведев го нарече американскиот сенатор Линдзи Греам „дедо“ откако републиканскиот сенатор го советуваше да „седне на преговарачка маса“.
„Не е до тебе или Трамп да диктирате кога треба да седнеме на преговарачка маса. Преговорите ќе завршат кога ќе се постигнат сите цели на нашата воена операција. Прво грижи се за Америка, дедо!“, напиша Медведев. Медведев беше премиер на Русија пред да го замени сегашниот претседател Владимир Путин на таа позиција од 2008 до 2012 година.




