дома Македонија Општество Македонија го празнува Илинден

Македонија го празнува Илинден

Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на свеченостите во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе оди на Мечкин Камен, а собраниска делегација во Пелинце

Македонија го одбележува Денот на Републиката, празник со кој се прославуваат двата големи историски и државотворни настани – Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ,во манастирот Прохор Пчински, на кое беа поставени темелите на современата македонска држава, и во историското Крушево

Државниот врв од Мечкин Камен, Пелинце и од Скопје ќе испрати пораки по повод 2. август, а за граѓаните е празник неработен ден.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, се очекува да присуствува на централната манифестација во Крушево, на Мечкин Камен – симболот на Крушевската Република и Илинденското востание од 1903 година.Премиерот Христијан Мицкоски ќе биде дел од свеченостите во Скопје, каде ќе положи свежо цвеќе и ќе има обраќање по повод празникот, а спикерот Африм Гаши најави дека поради здравствени причини нема да има говор на одбележувањето на празникот, поради што собраниската делегација ќе ја предводи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која ќе положи цвеќе на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, и во манастирот Прохор Пчински.

По повод чествувањето на 2 Август – Денот на Републиката, делегации и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе присуствуваат на одбележување на големиот празник – Илинден во Крушево, Скопје и Пелинце.

Манастирот Прохор Пчински
 

Илинденско послание

Во пресрет на прославата на Илинден, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г Стефан испрати Илинденско послание во кое порача дека „секое поколение има свој предизвик и своја борба“. „Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница! А за тоа е потребно да застанеме против: неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта помеѓу нас. Конечно, да разбереме дека само со чесност и со слога, на национален и на духовен план, можеме да очекуваме напредок и добробит за сите“, се вели во Илинденското послание.

Годинава се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и 81 година од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Историјат

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

 

ПредходнаПауел најверојатно ќе остане претседател на Федералните резерви
СледнаИ Вучиќ го свика Советот за Безбедност на СРБИЈА