Француската индустрија за вино и жестоки пијалоци денес предупреди дека би можела да изгуби околу 1 милијарда евра ако САД воведат најавена царина од 15 проценти на нивните производи од 7 август.
Претставниците на индустријата ги повикуваат Париз и Брисел да обезбедат ослободување во последен момент, додека преговорите со администрацијата на претседателот Доналд Трамп сè уште се во тек.
Француската федерација на извозници на вино и жестоки пијалоци (FEVS) вели дека новата царина би можела да го намали извозот во САД за дури 25 проценти, а околу 600.000 работни места поврзани со секторот се исто така во прашање.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро рече дека разговорите со Вашингтон ќе продолжат, со цел да се добијат дополнителни гаранции и отстапки.
„Нема да застанеме тука. Нашата намера е да добиеме ослободување за вина и жестоки пијалоци“, изјави Баро за радио „Франс Интер“.
Во Брисел, европските претставници, поддржани од лидери во индустријата како што е Бернар Арно, сопственик на луксузниот конгломерат LVMH, се обидуваат да преговараат за враќање на условите што преовладуваа пред таканаречениот „Ден на ослободувањето“ на Трамп во април.
„Увозот на вино е длабоко интегриран во американскиот пазар и овој потег ќе ги погоди и потрошувачите и американските компании“, предупреди Самуел Мас, претседател на Европската конфедерација на независни винари.