Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше телефонски со францускиот претседател Емануел Макрон за билатералните односи и регионалните прашања, особено во светлината на актуелните случувања во Босна и Херцеговина и Косово.
„Нагласив дека Србија останува посветена на сите процеси насочени кон зачувување на мирот, соработката и просперитетот и повторив дека развојот на земјата, благосостојбата, како и заштитата на српскиот народ, се наши клучни национални интереси. Ја нагласив нашата посветеност на дијалогот и почитувањето на меѓународното право, како и нашата подготвеност да придонесеме за долгорочната стабилност на регионот“, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.
Вучиќ му изрази благодарност на Макрон за неговиот личен ангажман кога станува збор за Западен Балкан, како и за континуираната поддршка што Франција ѝ ја дава на Србија на нејзиниот европски пат и го покани да ја посети Србија.