дома Магазин Српскиот рапер Раста уапсен во Охрид

Српскиот рапер Раста уапсен во Охрид

Српскиот рапер Стефан Ѓуриќ Раста е уапсен синоќа во Охрид, објави „Телеграф.рс“.

Раста се упатил кон стадионот каде што требало да настапи пред македонската публика, а потоа бил уапсен. Според извештаите на српските медиуми, Раста бил уапсен за поседување наркотици.

Како што неофицијално дознава „Телеграф“, полицијата пронашла марихуана кај Раста, а потоа извршила претрес на неговата хотелска соба.

Апсењето се случило пред очите на минувачи, кратко пред раперот да настапи на стадионот во Охрид.

Раста веќе беше апсен за марихуана во родната земја во октомври 2020 година, кога полицијата кај него пронашла пет грама марихуана. Потоа, по наредба на обвинителот, бил извршен претрес на неговиот стан во Белград, каде што бил пронајден „сканк“. Раперот помина осум месеци во домашен притвор.

Стефан Ѓуриќ, попознат по неговото уметничко име Раста, е роден во Приштина. Тој последниве години е меѓу најпопуларните музичари во земјите од поранешна Југославија и на Балканот воопшто.

Раста ја започнал кариерата како тинејџер, водејќи ја радиоемисијата „Реге шоу“ и создавајќи ги своите први музички проекти во рамките на групи како што се „Прва постава“ и „Шоу програм“. Неговиот прв микстејп „Сенсемилија“ се појави во 2009 година, по што следеа бројни проекти со кои постепено го изгради својот препознатлив стил. Неговиот музички пробив се случи во 2014 година со синглот „Кавасаки“, кој стана голем регионален хит и го дефинира Раста како лидер на новата урбана музичка сцена.

Тој е познат по употребата на автотјун, кој донесе специфичен звук на регионалната сцена, и по комбинирањето на жанрови како реге, трап, хип-хоп, аренби, поп и турбофолк. Неговите песни често се занимаваат со љубовни врски, социјални проблеми и, во неколку наврати, со марихуана. Тој е основач и сопственик на издавачката куќа „Балкатон Генг“.

Во приватниот живот, Раста беше во брак со пејачката Ана Николиќ, со која ја има ќерката Тара, родена во 2017 година. Двојката се разведе една година подоцна.

ПредходнаВодич за најскапите и најевтините туристички дестинации во светот
СледнаМик Џегер е до уши заљубен во 44 години помладата балерина Мелани: Да, сакаме дете!