Во Данска избувна остра дебата откако беше најавено отстранување на статуата на Големата сирена, висока 4 метри и широка 6 метри, од јавен простор во тврдината Драгер, на брегот на Копенхаген. Според данската Агенција за заштита на историски и културни објекти, статуата не се вклопува во културното наследство на локацијата, која датира од 1910 година. Но, причините што предизвикаа бурни реакции се многу подлабоки, пишува „Гардијан“.
Статуата беше наречена „грозна и порнографска“, а дел од јавноста ја нарече „материјализација на машки еротски сон за тоа како треба да изгледа жената“. Уметничкиот критичар на весникот „Политикен“, Матијас Кригер, остро ја нападна скулптурата, додека свештеничката и новинарка Сорин Готфредсен во колумна за „Берлингске“ напиша: „Овој приказ на женското тело нема да охрабри многу жени да го прифатат своето тело. Напротив, тоа е вулгарно и непоетично, уште едно совршено тело во јавниот простор, каде што веќе се гушиме во такви слики“.
Авторот на 14-тонската скулптура, Питер Бех, изјави дека не разбира зошто гради на камена фигура предизвикуваат ваква бура: „Тие се соодветни на пропорциите на статуата“.
Некои критичари, пак, сметаат дека контроверзијата не е околу самата уметност, туку околу општествениот став кон женските тела. Амината Кор Трејн, уредничка во „Берлингске“, остро реагира: „Дали женските гради треба да имаат строго академска форма и големина за да им биде дозволено да постојат во јавност? Можеби Големата и Малата сирена претставуваат две страни на женственоста и вечното прашање – што е ‘вистинска’ жена, а што ‘погрешна’?“.
Големата сирена првично беше поставена во 2006 година на пристаништето Лангелини во близина на познатата Мала сирена, бронзена статуа инспирирана од бајката на Ханс Кристијан Андерсен. Но, само 12 години подоцна, во 2018 година, беше отстранета по критики дека е „лажна и вулгарна сирена“.
Подоцна беше преместена во тврдината Драгер, сè до март годинава, кога данската Агенција формално побара нејзино отстранување. Општината Драгер наводно ја одбила понудата на уметникот да ја донира статуата.
Претседателката на општинскиот одбор за урбанизам, Хеле Барт, изјави дека станува збор за „убава понуда“, но дека скулптурата е преголема и „тешко се вклопува“.
Бех, кој ја изработил Големата сирена како одговор на забелешките од туристи дека Малата сирена е „премногу мала“, вели дека често добива позитивни коментари од жителите на Драгер. Се надева дека ќе се најде начин статуата да остане во градот.
Данската Агенција за заштита на културно-историски објекти одби да даде официјален коментар.