Под мотото „Побарај ја забавата“, легендарниот уличен фестивал „Баскерфест“ ќе се одржи од 25 август до 6 септември на 13 локации во 9 македонски градови. По неколкугодишна пауза, фестивалот се враќа меѓу луѓето и ги носи шарените настапи директно во градските улици и плоштадите, целосно без сцена и без билети.
Оваа година Баскерфест ќе понуди уникатно, интерактивно искуство со над 20 уметници од Полска, Србија, Албанија, како и од Чиле, Бразил и Канада – меѓу кои акробати, кловнови, жонглери, илузионисти и музичари кои вешто ја создаваат магијата на улица.
Секоја вечер ќе биде збогатена со музичка програма што ја надополнува визуелната компонента и вовлекува публиката во спонтан ритам на култура и забава. Настанот е создаден да создаде непосредна врска помеѓу уметниците и гледачите, нудејќи поинакво и несекојдневно искуство полно со радост, смеа и аплаузи под отворено небо.