Канцеларијата на генералниот обвинител на Њујорк, Летиција Џејмс, денес ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за политизирање на судскиот систем, по медиумските извештаи дека Министерството за правда отворило истрага против Џејмс во врска со тужбата за измама што таа ја поднесе против Трамп.

Според извештаите на „Фокс њуз“ и „Њујорк тајмс“, кои се повикуваат на неименувани извори, обвинителите формирале голема порота и издале судска покана до канцеларијата на Џејмс за да достави документи поврзани со тужбата против Трамп, како и посебна тужба против Националната асоцијација за оружје (НРА), група за права на оружје, објавува „Ројтерс“.
Адвокатката Аби Лоуел, која ја застапува обвинителката Џејмс, изјави дека оваа истрага е „најдрастичниот и најочигледен пример за тоа како администрацијата ја спроведува политичката вендета на претседателот“.
„Секоја злоупотреба на правосудниот систем треба да го загрижи секој Американец. Цврсто стоиме зад нашата тужба против Организацијата Трамп и Националната асоцијација за оружје и ќе продолжиме да се бориме за правата на жителите на Њујорк“, се вели во соопштението од канцеларијата на Џејмс. Тужбата за измама, поднесена во 2022 година, резултираше со пресуда од 355 милиони долари против Трамп минатата година, откако судија утврди дека тој лажно ја зголемил својата нето вредност за да ги измами доверителите, пресуда на која Трамп поднесе жалба, според Ројтерс.




