Висок кинески дипломат Лиу Генгчао, кој често се споменува во меѓународните кругови како можен иден кинески министер за надворешни работи, беше приведен кон крајот на јули на испрашување по враќањето од странство, објави денес американскиот весник „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.
Лиу, кој има 61 година, раководи со Одделот за меѓународни врски на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, кој е одговорен за односите со политичките партии ширум светот, објави денес Ројтерс.
Откако ја презеде функцијата во 2022 година, Лиу посети повеќе од 20 земји и се сретна со функционери од над 160 земји, според WSJ, додавајќи дека неговата посета на Вашингтон и средбата со тогашниот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, привлекле посебно внимание, што дополнително ги поттикнало шпекулациите дека Лиу се смета за кандидат да стане врвен дипломат на Кина.
Неговото притворање, како што објаснува американскиот весник, претставува истрага на највисоко ниво меѓу кинеските дипломати од разрешувањето на поранешниот министер за надворешни работи Ќин Ганг во 2023 година, кој беше близок до претседателот Си Џинпинг и чија кариера беше нагло прекината поради медиумските извештаи за наводна вонбрачна афера.
Лиу студирал англиски јазик на Пекиншкиот универзитет за надворешни студии и меѓународни односи во Оксфорд, пред да ја започне својата кариера како преведувач во кинеското Министерство за надворешни работи, објавува Ројтерс.
За време на неговата дипломатска служба, тој служел во кинеската мисија во Обединетото Кралство, а подоцна и како амбасадор во Индонезија и Филипините.
Тој станал познат во јавноста по своите духовити, но решителни изјави додека бил портпарол на министерството, постојано застапувајќи ги ставовите и интересите на Народна Република Кина.