Израелската воена агенција за координирање на хуманитарната помош (COGAT) денес објави дека во текот на изминатата недела, од палестинската страна на премините Керем Шалом и Зиким биле собрани и дистрибуирани речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош.
Според извештајот, повеќе од 1.310 камиони што влегле во Газа во текот на неделата превезувале главно прехранбени производи, објавува „Тајмс оф Израел“.
COGAT, која работи под израелското Министерство за одбрана, вели дека ќе продолжи да олеснува испорака на хуманитарна помош до цивилното население во Газа, „но не и до Хамас“. Израел претходно ги обвини меѓународните агенции за помош дека не ја преземаат помошта што веќе е доставена и складирана во Газа, додека агенциите изјавија дека израелските власти не успеваат да обезбедат безбеден премин за помошта и персоналот. Обединетите нации проценуваат дека секој ден се потребни помеѓу 500 и 600 камиони со помош за да се задоволат основните потреби на повеќе од два милиони жители на Газа.