дома Живот Хлорот не е доволен: Како да се заштитиме од паразити и бактерии...

Хлорот не е доволен: Како да се заштитиме од паразити и бактерии во базените?

Базените се места каде редовно се контролира исправноста на водата, но и покрај сите напори, тие често се извор на различни инфекции – од безопасен кожен осип до посериозни стомачни тегоби. Иако инфекцијата најчесто нема да биде тешка, таа може да ви го расипе одморот, пишува „Е-клиника“.

Незаобиколен дел од летото, но и жариште на инфекции

Присуството на јавните базени и аква парковите носи специфични ризици. Уринарни инфекции, ешерихија коли, габични кожни инфекции, конјунктивит – се само дел од болестите кои може да се добијат на базен. Преносители на овие инфекции, и покрај хлорирањето на водата, најчесто се самите посетители, понекогаш целосно без чувство за хигиена. Според одредени податоци, речиси 90 проценти од граѓаните не се тушираат пред влез во базен, а голем дел и уринираат во водата.

Хлорот е ефикасен, но не и семоќен

Хлорот, кој широко се користи во базените, уништува многу патогени, но не делува веднаш и не ги елиминира сите бактерии. Најчестите последици од капење во нечиста базенска вода се кожни и ушни инфекции, стомачни тегоби и респираторни проблеми.

Патогените можат да преживеат од неколку минути до неколку дена

Експертите предупредуваат дека дури и во добро хлориран базен, некои патогени можат да преживеат од неколку минути до неколку дена. Чест проблем е паразитот Cryptosporidium, присутен во храната, почвата и водата. Заразата настанува со консумирање контаминирана храна или вода, вклучително и случајно голтање вода од базен загадена со фекалии од заразени лица или животни. Овој паразит предизвикува воденаста дијареја и, благодарение на цврстата надворешна обвивка, може да преживее во хлорирана вода и до 10 дена. За ширење е доволна и микроскопска количина фекална материја, невидлива за голо око.

Друга честа и исклучително отпорна бактерија е Pseudomonas aeruginosa, која предизвикува осип и таканаречено „пливачко уво“. Норовирусите и аденовирусите, исто така, можат да опстојат во базенската вода и да предизвикаат различни заболувања.

Дали базените со силен мирис на хлор се побезбедни?

Проблемот е што посетителите внесуваат во водата пот, урина и мртви клетки од кожата. Потта и урината реагираат со хлорот и создаваат хемиски нуспроизводи – хлорамини, објаснува професорката по биомедицински науки Лиза Кучара од Универзитетот „Квинипијак“.

Токму хлорамините се одговорни за силниот „мирис на хлор“. Всушност, чист базен не треба да има силен мирис – ниту пак било каков друг мирис. Честа е заблудата дека силниот мирис на хлор е знак на чистота, но тоа може да биде и предупредување дека водата е загадена и дека базенот треба да се избегнува, предупредува проф. Кучара.

Како да се заштитиме себеси и другите?

Ризиците поврзани со базените може значително да се намалат со едноставни мерки:

  • Истуширајте се пред влез во базен – најмалку една минута, за да ги отстраните маснотиите и нечистотиите од телото кои го намалуваат дејството на хлорот.
  • Избегнувајте капење ако сте болни, особено ако имате дијареја или отворена рана – бактериите и вирусите брзо се шират во вода.
  • Обидете се да не голтате вода, за да го намалите ризикот од внесување заразни агенси.
  • Ако имате криптоспоридиоза (болест со воденаст пролив), воздржете се од капење во базен најмалку две недели.
  • Правете редовни паузи за користење тоалет, ова важи и за децата и за возрасните.
  • Темелно исушете ги ушите по пливање, за да спречите појава на „пливачко уво“.
  • Истуширајте се по излегување од базен, за да ги отстраните евентуалните бактерии и остатоци од хлор од кожата.
ПредходнаЗдрав и сладок почеток на денот: Рецепт за чиа пудинг со јагоди и чоколадо
СледнаДневен хороскоп за 10 август: Романтични изненадувања се на повидок