Службите за итни случаи и пожарникарите се борат со повеќе пожари низ Шпанија и Португалија, додека рекордниот топлотен бран продолжува да го погодува регионот, објавија медиумите.

Пожарникарите работеа на гаснење на пожар во општината Трес Кантос, околу 23 километри северно од Мадрид, објави Би-Би-Си.
Се очекува екстремните температури, кои достигнаа 44 степени Целзиусови во Шпанија и Португалија, да траат барем до утре, предупредија официјалните лица.
Во северна Шпанија, во регионот Кастиља и Леон, вчера беа евакуирани околу 800 луѓе од шест села поради неколку активни пожари во близина на Националниот парк Лас Медулас, кој е под заштита на УНЕСКО.
Жителите на Конгоста се обидоа да ги одбранат своите домови со гаснење на пожарот со вода од градинарски црева, додека две куќи веќе се уништени.
Во Португалија, околу 700 пожарникари се борат со пожар во областа Транкосо, околу 350 километри североисточно од Лисабон.
Околу 52.000 хектари шума изгореа во Португалија досега оваа година, што е за 10.000 хектари повеќе од просекот за истиот период во изминатите 18 години, според Европскиот информативен систем за шумски пожари, објави Ројтерс.
Пожарникарите работат и во регионите Навара на североисток и Уелва на југозапад од Шпанија.
Службениците велат дека високите температури и сувите ветрови го зголемиле ризикот од пожари, а некои од пожарите се поврзуваат со можно намерно палење, што властите го опишуваат како „еколошки тероризам“.




