Напредокот во Германија е видлив, но „некои од големите компании, особено од САД, веќе имаат 10-годишен старт за одредени инвестиции“, вели Федералната канцеларија за информациска безбедност.

Германија нема да ја надмине својата зависност од cloud решенија, модели на вештачка интелигенција и други технолошки производи од странство во блиска иднина, проценува Федералната канцеларија за информациска безбедност (BSI).
„Кога станува збор за дигитален суверенитет, т.е. користење на европски или германски производители и даватели на услуги – вклучително и за сателити или апликации за вештачка интелигенција – мора да се биде искрен“, изјави претседателката на BSI, Клаудија Платнер, за dpa.
Напредокот во Германија е видлив. Сепак, јасно е дека „некои од големите компании, особено од САД, веќе имаат 10-годишен старт за одредени инвестиции“.
„Имаме технолошки зависности на толку многу места“. Нереално е да се верува „дека ќе можеме сè да направиме сами за кратко време“, рече Платнер.
BSI е централната државна институција на Германија за ИТ безбедност. Таа е под надлежност на Министерството за внатрешни работи.
Институтот им помага на федералните власти да ги заштитат своите ИТ системи, предупредува на ризици и развива безбедносни стандарди кои се релевантни и за економијата.
За компаниите во таканаречената критична инфраструктура – која вклучува енергетика, здравство, телекомуникации и транспорт – некои регулативи на BSI се дури и правно обврзувачки.
На државата, оцени Платнер, ѝ е потребна стратегија врз основа на која ќе одлучи кои технологии ќе бидат набавени од странство „и како ќе добиеме одредена контрола врз нив“.
Google Cloud и BSI потпишаа договор во февруари кој ја поддржува развојот и обезбедувањето безбедни решенија за федералните, покраинските и општинските власти.
„Договорот става посебен акцент на обезбедувањето суверенитет на податоците“, се вели во тогашното соопштение.




