
Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ги проследни на натамошно постапка во Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако претходно го усвои амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ), а предложеното решение предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.
За ова законско решение позитивно се изјасни и Законодавно-правната комисија и го усвои поднесениот амандман, по што ќе биде изготвен дополнет Предлог на Законот.
Откако двете комисии го проследија на натамошно читање во Собранието и откако ќе биде изготвен дополнет предлог на измените и дополнувањата на Изборниот законик, тие повторно ќе се најдат на пленарна седница каде треба да бидат усвоени.
Претходно измените и дополнувањата на Изборниот законик добија подршка на собраниска седница да бидат усвоени во скратена постапка. Откако го утврдија дневниот ред на собраниската седница, на кој единствена точка е ова законско решение, претседателот на Собранието Африм Гаши ги задолжи матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да одржат седници на кои ќе ги разгледаат измените и дополнувањата. За нив ќе се гласа на пленарната седница чие продолжение ќе биде дополнително закажано во текот на денот.
Предлагачи на измените и дополнувањата се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери Сафаи од коалицијата ВРЕДИ. За да се донесе законот по скратена постапка гласаа 65 пратеници, а 17 беа против, воздржани пратеници немаше. Пратениците од СДСМ присутни во салата дадоа поддршка законските измени да се донесат во скратена постапка, додека пратениците од Европскиот фронт и другите опозициски партии од албанскиот блок беа против.
Со измените се предвидува и кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи од изборните единици за гласање во странство, да се соберат најмалку 1 000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за тие изборни единици пред службените лица на ДКП, односно конзуларните канцеларии на образец пропишан од Државната изборна комисија.




