Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги прошири царините од 50 проценти на дополнителни 407 производи од челик и алуминиум, а новите мерки вклучуваат стоки како што се автоделови, противпожарни апарати, градежни материјали и специјални хемикалии.
Царините сега опфаќаат увоз на стоки во вредност од најмалку 320 милијарди долари, проценува професорот на Универзитетот во Мичиген, Џејсон Милер, пренесува CNBC.
Економистите предупредуваат дека мерките дополнително ќе го оптоварат синџирот на снабдување во САД и ќе ги зголемат инфлаторните притисоци.
Списокот на производи погодени од новите царини вклучува ветерни турбини, мобилни кранови, апарати за домаќинство, булдожери, железнички вагони, мотоцикли, морски мотори, мебел и многу други производи, пренесува Ројтерс.
Списокот вклучува и увезени делови за издувни системи на автомобили, челик за производство на електрични возила, како и компоненти за автобуси, клима уреди и апарати за домаќинство како што се фрижидери, замрзнувачи и сушари.
Здружението на странски производители на автомобили предупреди дека американската индустрија нема доволно капацитет да ја задоволи побарувачката.
Тесла безуспешно се обиде да го отфрли барањето за царини за специјални челични производи што се користат во моторите на електричните возила и ветерните турбини, наведувајќи дека таков челик не се произведува во САД.
Министерството за трговија на САД изјави дека целта на воведувањето повисоки царини е да се поддржи домашната индустрија и да се спречи заобиколување на царините.