Неколку пошти низ Европа денес објавија дека престануваат да испраќаат пакети во САД поради нејасни правила во врска со новите увозни тарифи.
Поштите во Германија, Данска, Шведска и Италија соопштија дека засега ќе престанат да испраќаат повеќето стоки во САД, а Франција и Австрија ќе се приклучат во понеделник, а Велика Британија во вторник, објави АП.

Според извршната наредба потпишана минатиот месец од претседателот Доналд Трамп, меѓународните стоки претходно ослободени од американските тарифи, во вредност помала од 800 долари, ќе подлежат на увозни давачки почнувајќи од 29 август, додека писмата, книгите, подароците и малите пакети во вредност помала од 100 долари ќе продолжат да бидат ослободени.
Трговската рамка договорена меѓу САД и Европската Унија минатиот месец воведе царина од 15 проценти за повеќето производи испратени од ЕУ.
Многу европски поштенски услуги објавија дека ги паузираат испораките бидејќи не можат да гарантираат дека стоките ќе пристигнат во САД пред 29 август, наведувајќи ја неизвесноста околу тоа кои стоки се опфатени со новите правила и недостатокот на време за обработка на нивните целосни импликации, потсетувајќи дека испораката преку услуги како што е DHL Express е сè уште можна.
PostEurop, здружение на 51 европски јавни поштенски оператори, изјави дека доколку не се најде решение до 29 август, сите членови на здружението веројатно ќе го следат примерот.




