Европските лидери, на Денот на независноста на Украина, оддадоа почит на борбата на Украина за слободна Европа.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оддаде почит на борбата на Украина за „слободна, демократска и независна“ земја.
„Со вас сме, сè додека е потребно. Бидејќи слободна Украина значи слободна Европа“, напиша фон дер Лајен на X.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази потреба од продолжување на поддршката на Украина во борбата против руската агресија.
„Додека земјата го слави Денот на независноста, ние цврсто стоиме со нив – денес и во иднина“, објави Мерц на Xu на германски, англиски и украински јазик.
„Тие се борат за нашиот либерален поредок во Европа и за праведен мир“, додаде конзервативниот политичар.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изрази надеж дека прославата на независноста ќе им даде на луѓето од Украина „нова храброст да се спротивстават на руската агресија“.
Британскиот крал Чарлс III повика на „праведен и траен мир“ во Украина за да се стави крај на војната предизвикана од руската инвазија во 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека зборовите на британскиот крал се „вистинска инспирација за нашиот народ“ и ѝ се заблагодари на Обединетото Кралство за нејзината поддршка.
Пораката на кралот, која Зеленски ја сподели на социјалните мрежи, гласи: „Постојано чувствувам најголемо и најдлабоко восхитување за непоколебливата храброст и дух на украинскиот народ“.
„И понатаму се надевам дека нашите земји ќе можат да продолжат тесно да соработуваат за да постигнат праведен и траен мир во Украина“, се додава во пораката.
Украинскиот претседател рече дека Украина „ја цени лидерската улога на Обединетото Кралство во поддршката на Украина и нашата праведна кауза: да ја браниме слободата од тиранијата и да обезбедиме траен мир во Украина и низ цела Европа“.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека британската војска ќе продолжи да ги обучува украинските војници барем до крајот на 2026 година, со продолжување на операцијата „Интерфлекс“.
Повеќе од 50.000 украински војници се обучени на британска почва, а британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека Велика Британија и нејзините сојузници ќе продолжат да ја зајакнуваат својата поддршка за Украина.
„Соочени со континуираните руски напади, мора да ги ставиме украинските вооружени сили во најсилната можна позиција“, рече Хили.
Поминаа 34 години откако Украина го напушти Советскиот Сојуз, а повеќе од 2.000 украински регрути, британски воен персонал и други го прославуваат Денот на независноста оваа година на еден од полигоните за обука на Интерфлекс во Англија.
Се очекува сино-жолтото украинско знаме да се вее над канцеларијата на премиерот Кир Стармер на Даунинг стрит и неколку владини згради во недела.
„Изразуваме солидарност со украинскиот народ, вклучително и со оние кои пронајдоа втор дом тука во Велика Британија, наспроти континуираната руска агресија“, изјави портпаролот на владата.




