Министерството за финансии на САД воведе санкции врз еден руски државјанин, еден севернокорејски функционер и две компании поради нивно учество во измамничка шема за финансирање на севернокорејскиот режим преку вработување на ИТ професионалци преку фиктивни компании во странство, соопшти Министерството за финансии на САД.

Санкциите се однесуваат на Русинот Виталиј Андреев, севернокорејскиот државјанин Ким Унг-сунг, кој е трговски и економски конзул во Русија, и компаниите „Шенјанг Геумпунгри Нетворк Технолоџи“ и „Кореја Синџин Трејдинг Корпорејшн“.
Според заменик-секретарот на Министерството за финансии на САД за тероризам и финансиско разузнавање, Џон Герли, севернокорејскиот режим продолжува да ги таргетира „американските бизниси преку измамнички шеми во кои се вклучени неговите странски ИТ работници кои крадат податоци и бараат откуп“.
„Под водство на претседателот (Доналд) Трамп, Министерството за финансии е посветено на заштита на Американците од вакви шеми и нивно повикување на одговорност“, додаде тој.
Активностите на овие лица и компании вклучуваат конвертирање на криптовалути во готовина, користење лажни документи и лажни идентитети за прикривање на идентитети и користење на злонамерен софтвер за кражба на доверливи податоци.
Андреев и Ким организираа финансиски трансфери во вредност од приближно 600.000 долари за компанијата за информатичка технологија „Чинјонг“, компанија поврзана со Министерството за одбрана на Северна Кореја.
Се забележува дека кинеската компанија „Шенјанг Геумпунгри Нетворк Технолоџи“ заработила повеќе од 1 милион долари од 2021 година за „Чинјонг“ и „Кореја Синџин Трејдинг Корпорејшн“, кои се подредени на Министерството за одбрана на Северна Кореја.




