Според податоците за август, 24,4 проценти од вработените во Германија работеле од дома барем дел од своето работно време, според извештај објавен денес од Минхенскиот институт за економски истражувања IFO во Минхен.
Стапката на работа од дома во Германија е прилично стабилна од 2022 година и изнесува околу една четвртина од сите вработени, па затоа нема забележлив тренд на враќање на работниците во канцеларија, коментира истражувачот Жан-Виктор Алипур од Минхенскиот институт.
Највисок процент на работа од дома е забележан во услужниот сектор – 35,1 процент од вработените. Во преработувачката индустрија, 15,7 проценти од работниците работат од дома, додека во трговијата тој процент е 11,9 проценти (големопродажба 17, малопродажба 4,6 проценти).
Најмалку застапена е работата од далечина во градежништвото, со само 4,4 проценти.
Кампањите за враќање на вработените во канцеларија привлекуваат медиумско внимание, но работењето од дома е веќе константа во деловната култура, особено кај младите и брзорастечките компании, додаде Алипур во статија објавена на веб-страницата на IFO.