дома Свет Каја Калас: Средбата Си-Путин-Ким во Пекинг е директен предизвик за меѓународниот поредок

Каја Калас: Средбата Си-Путин-Ким во Пекинг е директен предизвик за меѓународниот поредок

Средбата во Пекинг на лидерите на Кина, Русија и Северна Кореја, Си Џинпинг, Владимир Путин и Ким Џонг Ун, е „директен предизвик за меѓународниот поредок“, изјави денес високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Средбата не само што испраќа „антизападни сигнали“, туку претставува и „директен предизвик за меѓународниот систем базиран на правила, а ова не е само симболично“, рече таа.

„Руската војна во Украина е поддржана од Кина. Ова се реалностите со кои Европа мора да се соочи“, изјави Каја Калас пред новинарите во Брисел.

Таа додаде дека Кина и Русија разговараат за заедничко водење на промена во глобалната безбедносна архитектура каква што не е видена во минатиот век.

„Путин, Ким и Си се појавија заедно во јавноста за прв пат, проектирајќи визија за мир низ цевката на пиштолот. Ова не е она што мирот значи за Европа“, рече високата претставничка на ЕУ.

Си, Путин и Ким денес присуствуваа на голема воена парада во Пекинг што изгледаше како демонстрација на воената и дипломатската моќ на Кина.

Кинескиот претседател ја претстави својата земја како „незапирлива“.

Во овој период на зголемени геополитички тензии, Европа треба да „ја изгради својата моќ… за да учествува како полноправен актер“, рече Каја Калас.

Војната во Појасот Газа е „пример за ситуација каде што не ја користиме нашата геополитичка моќ“, рече таа, додавајќи дека тоа се должи на недостаток на „единство“.

Каја Калас ги повика земјите од ЕУ заедно да покажат „политичка храброст“.

Земјите од ЕУ не успеаја да се договорат за санкции против Израел и покрај катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, и покрај нивната континуирана осуда.

Палестинската територија е опустошена од војната на Израел против движењето Хамас, додека ОН предупреди кон крајот на август дека Појасот Газа се соочува со глад.

ПредходнаФајон: Во време на војна и криза, ова е најтешкиот Бледски форум
СледнаМакрон и Зеленски ќе се јават кај Трамп по самитот за безбедносни гаранции за Украина