
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека е подготвена веднаш да започне разговори по „последното предупредување“ од американскиот претседател Доналд Трамп, кој побара тие да прифатат договор за ослободување на израелските заложници од Газа.
Хамас доцна синоќа потврди дека добил „некои идеи од американската страна со цел постигнување преговори за прекин на огнот“, додавајќи дека „го поздравува секој потег што ќе помогне во напорите за запирање на агресијата врз народот“.
Организацијата изјави дека е „подготвена веднаш да седне на преговарачка маса за да разговара за ослободување на сите затвореници во замена за јасна декларација за крај на војната, целосно повлекување од Појасот Газа и создавање комитет на независни Палестинци за управување со Појасот Газа“.
Трамп се појави на Truth Social
Изјавата дојде кратко откако Трамп напиша на својата мрежа Truth Social дека „Израелците ги прифатија неговите услови“, без да даде детали. „Време е и Хамас да ги прифати. Го предупредив Хамас за последиците од неприфаќањето. Ова е моето последно предупредување, нема да има второ!“, додаде Трамп.
Се верува дека 20 заложници се живи
САД, Катар и Египет посредуваат во индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за ставање крај на војната во Газа, предизвикани од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани.
Оттогаш, над 64.000 Палестинци се убиени во Газа, според локалните здравствени власти управувани од Хамас, бројка што Обединетите нации ја сметаат за веродостојна. Според израелските бројки, во крајбрежната енклава сè уште има 48 заложници, а се верува дека 20 се живи.




