
Федерален судија привремено го блокираше планот на претседателот Доналд Трамп да ја отпушти гувернерката на Федералните резерви, Лиза Кук , која е член на одборот одговорен за одредување на каматните стапки во Соединетите Американски Држави, објави Би-Би-Си.
Ова претставува неуспех за Белата куќа во невидената правна битка околу независноста на централната банка . Трамп во август изјави дека ја отпуштил Кук, но Федералните резерви изјавија дека таа ќе остане гувернерка. Сепак, прелиминарната пресуда не го решава клучното прашање дали тврдењето на Трамп дека Кук извршила хипотекарна измама пред да ја преземе функцијата, што таа го негира, е доволна основа за нејзино отстранување од функцијата.
„Оваа одлука ја признава и потврдува важноста на заштитата на независноста на Федералните резерви од прекумерно политичко мешање“, изјави адвокатот на Кук, Дејвид Лоуел. Тој рече дека таа ќе продолжи да ги исполнува своите должности како гувернерка на Федералните резерви потврдена од Сенатот.
Трамп и директорот на Федералната агенција за финансирање на домување, Вилијам Полте, изјавија дека Лиса Кук погрешно прикажала три различни имоти во барањата за хипотека, што можеби ѝ овозможило да добие пониски каматни стапки и даночни олеснувања. Кон крајот на минатиот месец, Кук го тужеше Трамп за обид за отпуштање. Таа побара од судот да ја прогласи наредбата на Трамп за „незаконска и ништовна“.
Законот со кој се создаде Федералната резерва наведува дека гувернерите можат да бидат разрешени само од причина, но не прецизира што тоа значи или како тоа би можело да се направи во пракса.
Случајот, кој веројатно ќе стигне до Врховниот суд на САД, се смета за клучен за способноста на централната банка да ги одредува каматните стапки без политичко влијание.
Трамп постојано го критикуваше раководството на Федералните резерви, вклучително и претседателот Џером Пауел, и го повика да ги намали каматните стапки на задолжување за да помогне во стимулирањето на американската економија.