Случајот „Онкологија“ против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти, денеска во Основниот кривичен суд Скопје треба да продолжи без второобвинетета Мери Пешевска која призна вина.
Васев и двајца обвинети Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, на минатото рочиште пред Судот негираа вина.
-Обвинетиот извршил повеќе исти дејствија и со што грубо ги прекршил стандардите и препораките на светските и европски онколошки процедури. Обвинетиот без конзилијарна одлука спроведувал и одобрувал терапии со несоодветно дозирање и аплицирање, и без оценка на перформанс статусот и биохемиски параметри на пациентите. Ќе покажеме дека терапиите биле препишувани дури и кога не биле потребни, а со тоа и штетни, без можност за развивање терапевтски ефект, изјави Гоговска Јакимовска.
Васев, пред Судот рече дека не се чувствува за виновен, и реагираше дека „се дозволило во постапката вешто лице што тој го сменил од директор на Клиниката во 2017 година“. Според неговата одбрана, против Васев се води „некој вид на заговор“ и најави дека во целост ќе се спротивстават и побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите од Србија и Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.
Пешевска на минатото рочиште рече дека ја прифаќа вината, по што Судот ја раздвои постапка против неа и ќе треба да продолжи на 17 септември.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.
Независен