За време на масовниот ноќен напад, Русија лансираше околу 415 беспилотни летала од различни видови и повеќе од 40 крстосувачки и балистички ракети во Украина, а беа нападнати 15 региони , објави утрово украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Спасувачите моментално работат во Волочиск во Хмелницкиот регион, каде што Русите погодија обична шивачка работилница со ракета. Досега се познати три жртви. Ова е само едно од местата на денешниот масовен руски напад: околу 415 беспилотни летала од различни видови и повеќе од 40 крстосувачки и балистички ракети. 15 од нашите региони беа нападнати. За жал, едно лице загина во гранатирање во Житомирскиот регион“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој додаде дека „Москва секогаш ги тестира границите на можното и, ако не наиде на силна реакција, останува на ново ниво на ескалација“, пренесува Укринформ.
„Денес се случи уште еден чекор на ескалација – руско-ирански „маченици“ дејствуваа во полскиот воздушен простор, во воздушниот простор на НАТО. Не еден „маченик“, што би можело да се нарече несреќа, туку најмалку осум ударни дронови што беа насочени кон Полска“, напиша Зеленски во објавата.
Тој оцени дека ова е „исклучително опасен преседан за Европа“ и дека понатамошните чекори зависат „од координацијата и силата на одговорот“ на сојузниците на НАТО.
„Русите мора да ги почувствуваат последиците. Русија мора да почувствува дека војната не може да се прошири и мора да заврши“, нагласи Зеленски.
Украинскиот претседател, исто така, изјави дека „паузата со нови санкции трае предолго“ и дека „е потребен силен одговор од сите партнери – Украина, Полска, сите Европејци, САД“.