
Ветувања за почист град Скопје и општина Центар, нивен развој и работа во интерес на граѓаните, а не за лични и партиски интереси денеска дадоа Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар и генерал Горанчо Котески, носител на Советничката листа на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија за Град Скопје.
– Во нашата работа како советници и советничка група во Градот Скопје и во општините на град Скопје ќе се раководиме со две платформи, првата – чесност, одговорност и транспарентност во нашата работа во интерес на граѓаните, а не за лични и партиски интереси. Втората платформа е да градиме единство меѓу советниците и советничките групи од другите партии кои треба да го поддржат она што е позитивно и во интерес на граѓаните, а не да прават блокади кои се кршат преку грбот на народот, рече Котески во изјавата по поднесување на кандидатската листа на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија за советот на Град Скопје.
Мирослав Лабудовиќ вели дека на Центар му треба системско решенија, хигиена, рамномерен урбан и одржлив развој.

-Затоа ја поднесувам кандидатурата за кандидат за градоначалник на Општина Центар со поддршка на ЗНАМ Движење за Македонија и голема поддршка од ВМРО ДПМНЕ, рече тој.
Додаде дека веќе е започната комуникацијата со локалниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и за изработка на програмата.
Тој потенцира оти даваат приоритет на безбедноста, не само во сообраќајот, туку и во училиштата, во домувањето, и кај децата, а големо внимание, како што рече, ќе обрнат внимание на оние на кои Општината најмногу им е потребна – маргинализираните групи, лицата со посебни потреби, децата и пензионерите, особено на хигиената која е најважна за сите граѓани.




