септември 17, 2025
Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста за Правилникот за собирање потписи за кандидатски листи за локалните избори што Државната изборна комисија го донесе на 17 август годинава.
Според судот, Правилникот не е во спротивност со Изборниот законик. Во него Државната изборна комисија ги операционализирала законските одредби од Изборниот законик кои се однесуваат на постапката за собирање на потписи и ги регулирала сите дејствија што треба да се преземат при собирање на потписи во случај кога кандидатските листи се поднесени од група граѓани.
– Следствено на ова, Судот одлучи дека се неосновани наводите во иницијативите дека ДИК ги пречекорила своите овластувања, бидејќи во Изборниот законик не постои норма што го определува бројот на потребните потписи на избирачите во постапката за кандидирање, велат од Уставниот суд.
Според Уставниот суд, определувањето во Правилникот дека кандидатската листа треба да биде поддржана со потписи од најмалку двајца избирачи е составен елемент на постапката за кандидирање и не претставува ограничувачки услов за поднесување на листите за кандидати, напротив оваа одредба е донесена со цел олеснување на постапката за кандидатура на независните кандидати.
Пред Уставнит суд беа поднесени две иницијативи, едната од Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров и втората од Стевче Стојанов.