Во петок наутро, три руски борбени авиони МиГ-31 влегоа во естонскиот воздушен простор во близина на островот Ваиндло без дозвола и останаа таму речиси 12 минути, објави естонскиот медиум ERR.
Авионите немале планови за лет, а нивните транспондери биле исклучени. Исто така, немале двонасочна радио комуникација со естонската контрола на воздушниот сообраќај во времето на прекршувањето.
Министерството за надворешни работи го повика рускиот вршител на должноста амбасадор во Естонија за да поднесе протест и да достави дипломатска нота во врска со нарушувањето на воздушниот простор.
„Русија веќе четири пати го наруши естонскиот воздушен простор оваа година, што само по себе е неприфатливо. Но, денешниот упад, во кој беа вклучени три борбени авиони што влегоа во нашиот воздушен простор, е невидено брутален“, рече министерот за надворешни работи Маргус Цахна.
„Зголемените обиди на Русија да ги тестира границите и нејзината растечка агресија мора да бидат одговорени со брзо зголемување на политичкиот и економскиот притисок“, додаде Цахкна.