Треба да постои желба, некој да сака да го уредува градот, не да се блокира, не да се конфронтира. Потребен е компромис, вели кандидатот за Советот во Град Скопје од редовите на ЛДП, Ристо Пенов, во интервјуто за Независен.мк
Претстојните локални избори некои политички партии ги доживуваат како референдум, но за повеќето граѓани, особено во Скопје, тие се тест дали метрополата конечно ќе исплива од четиригодишната нефункционална градска администрација која буквално ги урниса сите стандарди на современото живеење, почнувајќи од хигиената, јавниот превоз, урбанистичкиот хаос… Во изборната битка за едно ново Скопје влегоа многу нови, но и некои стари, добро познати имиња во политиката. Едно од нив е Ристо Пенов, човек кој го знае функционирањето на Скопје од прва рака, со оглед дека беше градоначалник во два мандати, во минатата влада беше и министер за локална самоуправа, во два мандати беше пратеник, претседател на Либерално демократската партија…
Во интервју за „Независен“, Пенов вели дека на градот му е неопходен менаџер, но и домаќин. Човек кој ќе најде решение за бројните започнати проекти, а кои се замрзнати или се движат со брзина на полжав. Вели дека е поборник на компромиси во политиката, а не на блокади како изминатите четири години.