дома Свет Балкан Во Белград денеска воената парада на Вучиќ

Во Белград денеска воената парада на Вучиќ

  Во Белград денеска ќе се одржи воена парада –  „Силата на единството“ во име на  одбележување на Денот на српското единство, слобода и националното знаме, вели Вучиќ, додека за српската опозиција тоа се џабе трошење пари и покажување на мускули на режимот на претседателот Александар Вучиќ

Во Белград претпладнево ќе се одржи воена парадаМинистерството за одбрана соопшти дека на парадата ќе бидат ангажирани околу 10.000 учесници, ќе бидат прикажани околу 2.500 оружја и воена опрема, повеќе од 600 возила, 70 авиони и 20 пловила.

Во ешалонот на воздухопловните единици ќе учествуваат сите видови авиони како што се МиГ-29, „Орел“, Ц-295 КАСА, Ми-35М и Х-145. Меѓу бројното оружје и воена опрема, ќе бидат прикажани противвоздушни ракетни системи „ФК-3“ и HQ-17, модерни радари ГМ400, оклопни борбени возила „Милош“, „МРАП“, „Лазар 3“, „Хамер“ и БОВ ОТ.

Посетителите ќе можат да видат модернизирани тенкови M-84 AS1/2/3, модернизирани пешадиски борбени возила M80 AB1/2, самоодни хаубици NORA од 155 мм, како и модернизирани противвоздушни системи PASARS, беспилотни летала, извидувачки и борбени беспилотни летала.

За првпат ќе бидат прикажани повеќецевниот ракетен фрлач со долг дострел PULS, набавен од Израел, беспилотни летала од таа земја, беспилотни летала и руски системи за антиелектронско војување и блокирање беспилотни летала „Красуха“ и „Репелент“.

На парадата ќе бидат ешалони од единици од сите родови и служби во српската армија, кадети од Воената академија, единици на возила и пловила од Речната флотила.

Најавено е присуството на претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој попладнето во Палатата Србија ќе додели одликувања.Се очекува да присуствуваат и командантот на Националната гарда на Охајо, Метју Вудраф, како и високи функционери и претставници на министерствата за одбрана на Кина, Унгарија, Кипар, Франција и Азербејџан.

Вучиќ претходно изјави дека воената парада, што ќе започне во 11:00 часот пред Палатата Србија, не се организира поради дневно-политички потреби, туку за да се покаже сила како средство за одвраќање на секој потенцијален агресор, со цел да се зачува мирот.

ПредходнаОд светот, вчера-денес
СледнаНовинарството е под напад на вештачката интелигенција