Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против 59-годишен велешанец, осомничен за кривично дело – Демнење, како и продолжено кривично дело Насилство.
По барање на јавен обвинител, определен му е притвор.
– Ценејќи ги сите околности, особено фактот дека осомничениот работи заедно со жртвата, неговата упорност физички да ја напаѓа и малтретира во еден ден, како и фактот дека претходно не му се определени привремени мерки за заштита од семејно насилство, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од повторување на неговите насилнички дејствија, информира денеска Обвинителството.
Од преземените предистражни дејствија произлегува дека осомничениот, кој бил во интимна врска со жртвата, ја демнел последните неколку месеци, се мешал во нејзиниот личен живот, проверувал со кого комуницира и се дружи жртвата, каде излегува, ја навредувал и психички ја вознемирувал. Со тоа кај неа предизвикувал чувство на несигурност, вознемиреност и страв, информира денеска Обвинителството.
На 18 септември, во повеќе наврати во текот на целиот ден, вршел грубо насилство врз жртвата и ја повредил еднаш на работното место, а потоа три пати доаѓал во нејзиниот стан каде насилно влегувал.