дома Македонија Политика Денеска започнува Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк

Денеска започнува Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк

80-то Генерално собрание започнува денес во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на кое ќе учествуваат лидери од целиот свет.
Општата дебата започнува во 9 часот наутро по локално време, односно 15 часот по централноевропско време.
Претседавач на овогодинешното Генерално собрание е Анален Бурбок, а на Генералното собрание ќе присуствуваат 150 шефови на држави и влади од целиот свет.
Меѓу учесниците се претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, кој денес ќе зборува на Генералното собрание, потоа премиерот на Шпанија Педро Санчез, претседателот на Украина Володимир Зеленски, премиерот на Грција Киријакос Мицотакис, како и претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој ќе се обрати на Генералното собрание во среда.

Пред триесет години, во Пекинг, нациите од светот дадоа свечена заклетва: да ги унапредат правата на жените како човекови права, да постигнат родова еднаквост и да им дадат моќ на секоја жена и девојка да живеат ослободени од насилство, дискриминација и ограничување, рече претседателката на Северна МАкедонија  Гордана Сиљановска – Давкова обраќајќи се на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција на жените, што се одржува вчера во Њујорк во рамки на 80.сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, под темата „Подобро заедно: 80 и повеќе години мир, развој и човекови права“, доаѓа во клучен момент за обновување на глобалната посветеност на мултилатерализмот, солидарноста и заедничкото дејствување за луѓето и планетата.

Овогодинешната недела на високо ниво ја истакнува итната важност од исполнување на ветувањето за Целите за одржлив развој и повторно активирање на глобалната соработка.

Две клучни платформи ќе ги истакнат акциите и решенијата, а во општата дебата, светските лидери ќе ги презентираат своите ставови и приоритети во контекст на сложените и меѓусебно поврзани глобални предизвици.

Пред Генералното собрание, традиционално во чест на шефовите на делегациите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, организира прием .

Патем, на улиците на Њујорк има зголемено полициско присуство, поради собирот на кој ќе зборува и американскиот претседател Доналд Трамп.
Безбедносните мерки вклучуваат употреба на дронови, а затворањето на улиците го наруши сообраќајот во делот од градот околу седиштето на Обединетите нации.

Њујоршката полиција, пред оваа голема конференција, нагласи дека специјалните сили ќе бидат распоредени во текот на целата недела, со целосна подготвеност на поморските и воздухопловните сили. Според најавите, собирот ќе го обезбедуваат и антитерористички единици. Граѓаните се повикуваат да избегнуваат возење и да користат јавен превоз.

Обединетите нации годинава ја слави својата 80-годишнина, а Генералното собрание ќе трае до понеделник, 29 септември.

ПредходнаГолем напад со дрон врз Москва, небото беше затворено
СледнаДронови го запреа сообраќајот на аеродромот во Копенхаген