Украина го нападна рускиот пристанишен град Новоросијск со беспилотни летала и поморски дронови, оштетувајќи неколку згради, изјави гувернерот на Краснодарската област Венијамин Кондратиев.

Според руските власти, најмалку две лица се убиени, а шест се ранети. Овие тврдења не можеа независно да се потврдат. Украина сè уште не го коментираше нападот. „Киев Индепендент“ се обрати до украинската воена разузнавачка агенција (ХУР) за коментар.
Властите на тој град, важно пристаниште на Црното Море со терминали за извоз на енергија и жито, прогласија вонредна состојба. Во нападот беше погоден Конзорциумот за Касписки гасовод (CPC), а двајца вработени во таа компанија беа повредени.
Но, портпаролот на CPC изјави дека нивниот терминал во близина сè уште работи. Деметра Холдинг, компанијата што управува со два терминали за жито во Новоросијск, изјави дека нема штета на нејзината инфраструктура.
Украина сè повеќе ја таргетира руската енергетска и пристанишна инфраструктура со цел да ги намали приходите што Москва ги користи за финансирање на војната. А регионалните власти во Краснодар, исто така во јужна Русија, предупредија за закана од украински поморски беспилотни летала кон црноморското пристаниште Туапсе, наредувајќи им на жителите да ја евакуираат областа.
Главно пристаниште и важен терминал за транспорт на нафта
Новоросијск, кој се наоѓа на рускиот брег на Црното Море, стана клучна база за руската Црноморска флота по повторените украински напади врз окупираниот Крим.
Не е прв пат.
Нападот, според извештаите, го погодил центарот на градот сред бел ден, при што е оштетен хотелот „Новоросијск“, на околу два километри од пристаништето, како и најмалку пет околни згради. Конзорциумот за Касписки гасовод потврди дека неговата канцеларија во градот е оштетена.
Конзорциумот, меѓународен проект во кој учествуваат руски, казахстански и странски енергетски компании, управува со голем нафтовод што ги поврзува западните полиња во Казахстан со крајбрежниот терминал во Новоросијск. Ова не е прв пат неговите згради да бидат цел – беспилотни летала ги погодија во февруари и март.




